Ресторативна практика во училиштата: време за нов пристап?

Конфликтите се дел од училишниот живот, особено меѓу младите кои сè уште учат како да се снајдат во општествените односи. Училиштата мора ефективно да се справат со конфликтите за да создадат мирна средина за учење којашто помага да се негува социјално-емоционалниот развој на учениците.
Ресторативните практики се појавија како посочувствителен и поефективен пристап во решавањето конфликти наспроти едноставното казнување. Но, со оглед на предизвиците со кои се соочуваат училиштата денес, дали ни треба поширока промена?
Решавање конфликти денес: зошто се бориме?
Учениците се под притисок од социјалните медиуми, образовните обврски, менталното здравје и личните проблеми. Социјалните медиуми, особено, можат да поттикнат недоразбирања и да го прошират конфликтот надвор од училиштето, што ја отежнува контролата.
Многу училишта сè уште се потпираат на методи на казнување, како што се задржување по завршување на наставата или суспензија, како начин за справување со проблемите во однесувањето, коишто честопати не успеваат да ги решат основните причини за појавата на конфликтите, ниту пак им помагаат на учениците да ги развијат своите интерперсонални вештини. Впрочем, казнувањето може да предизвика веќе ранливите ученици да се чувствуваат изолирани или погрешно разбрани.
На учениците може да им недостигаат вештини за решавање конфликти, како што се активното слушање, емпатијата и ненасилната комуникација, а многу наставници и персонал не се обучени за примена на современи техники за управување со конфликти. Ова ги остава училиштата недоволно подготвени да ги спречат или деескалираат конфликтите на начин кој промовира исцелување и учење.
Ресторативни практики: ветувачка алтернатива
Ресторативните практики се фокусираат на поправка на штетата и обнова на односите со користење ресторативни дијалози или кругови. Сите засегнати (лицето кое претрпело штета, лицето кое нанело штета и други) може да разговараат за своите чувства и перспективи и да најдат потенцијални решенија. Нивната цел е да ги заздрават односите наместо да казнуваат поединци.
На пример, во некои естонски училишта, ресторативните практики се користат за решавање на конфликтите меѓу учениците. Во еден случај, група ученици вклучени во врсничко насилство се сретнаа со жртвата во рамки на структуриран, олеснет дијалог во кој тие отворено разговараа за тоа како нивните постапки влијаеле врз другите. Тие го искористија овој дијалог за да развијат разбирање за предизвиканата штета и смислија чекори што може да ги преземат за поправка на штетата, вклучително и извинување и посветеност кон подобро однесување.
Овој пристап ги поттикнува учениците да преземат одговорност за своите постапки и активно да учествуваат во изнаоѓање решение. Ресторативните договори помагаат да се обнови довербата и да се осигури дека учениците кои нанесуваат штета ги разбираат последиците од она што го направиле, додека оние кои претрпеле штета се чувствуваат сослушани и поддржани.
Ресторативен јазик: клучот за конструктивен дијалог
Клучен дел од ресторативниот процес е користењето ресторативен јазик, којшто поттикнува отворена комуникација со почит. Наместо да се обвинува, тој се фокусира на разбирање и решавање на проблемите, како што е прикажано во примерите подолу.
- Учениците се охрабруваат да ги изразат своите емоции („Се чувствувам…“) наместо да користат јазик за обвинување („Ти направи…“). Ова создава помалку одбранбена средина и ги повикува да размислуваат.
- Наместо да поставувате прашања што обвинуваат („Зошто го направи тоа?“), барањето информации („Што се случи?“) помага да се создаде неутрален простор за да се разговара за она што се случило без осудување.
- Поканување на двајцата учесници да размислуваат за решенија кои можат да ги поправат односите наместо да се фокусираме на казнување („Како можеме да ги поправиме работите?“).
Решенија на различни нивоа
Ефективното решавање конфликти во училиштата бара да се делува на индивидуално, училишно и на системско ниво.
- Индивидуално ниво – фокусирајте се на подучување на учениците за стекнување на основните вештини за решавање конфликти (емпатија, емоционална регулација, активно слушање). Ова ги омоќува учениците да преземат сопственост и го олеснува товарот на наставниците.
- Училишно ниво – воведете ресторативни практики. На наставниците и персоналот им е потребна постојана обука за ефикасно управување со конфликтите.
- Системско ниво – креаторите на политики мора да ги поддржат училиштата со финансии, ресурси и обука. Политиките треба да им дадат приоритет на ресторативните методи наспроти казнените пристапи.
Време за промена?
Традиционалните казнени методи повеќе не се соодветни. Казнувањето не ги решава основните причини за конфликт, ниту пак им помага на учениците да ги развијат вештините што им се потребни за да управуваат со своите емоции и односи. Ресторативните практики и ресторативниот јазик можат да бидат поефективни ако се фокусираме на разбирање, отчетност и исцелување.
Во Естонија, некои училишта пристапија (или се во процес на пристапување) кон воведување ресторативни практики во нивната училишна култура, со ветувачки резултати. Учениците се чувствуваат повеќе поврзани и ги гледаат конфликтите како можности за учење, а не само како казниви прекршоци.
Меѓутоа, за ресторативните практики да имаат долгорочно влијание, на училиштата им е потребна системска поддршка, конзистентна обука и посветеност на промена на нивната училишна култура со цел да го префрлат својот фокус од казнување кон раст и разбирање. Училиштата можат да станат средини каде што конфликтите се решаваат на начин којшто ги зајакнува односите на младите и им ги обезбедува алатките што им се потребни за да напредуваат.
Additional information
-
Education type:School Education
-
Target audience:TeacherStudent TeacherHead Teacher / PrincipalPedagogical AdviserSchool PsychologistTeacher Educator
-
Target audience ISCED:Primary education (ISCED 1)Lower secondary education (ISCED 2)